Пораки со сочуство за полскиот народ од светските лидери

Светските лидери изразија сочуство за смртта на полскиот претседател Лех Качински. Британскиот премиер Гордон Браун изјави дека е „шокиран и растажен“ од информацијата за смртта на „еден од главните актери во современата полска историја“. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, во чија земја Полска има испратено 2.200 војници, изјави дека ќе се моли за полскиот народ. Пораки со сочуство испратија и францускиот претседател Николас Саркози, првиот човек на НАТО Андрес Фог Расмусен и лидери на германската влада. Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун рече дека е шокиран од информацијата за смртта на Качински и му изрази сочуство на полскиот народ.
Претседателот Качински, неговата сопруга Марија, шефот на централната банка, началникот на генералштабот и многумина други полски официјални претставници се меѓу 96-те жртви на авионската несреќа кај рускиот град Смоленск. Авионот Тупољев 154 се урнал во шумата на 2 километри од аеродромот во Смоленск, веројатно поради лошата видливост, по што се распарчил и избувнал пожар.