Дваесетмина загинати во Багдад

Бројот на загинати во трите експлозии во центарот на Багдад се искачи на дваесет лица а повредени се педесет и петмина, јавуваат новинските агенции. Надлежните потврдија дека во главниот град на Ирак експлодирале три автомобили бомби. Се претпоставува дека цел на нападите биле дипломатските претставништва во Багдад. Една од бомбите експлодирала во близина на амбасадата на Иран. Иранскиот амбасадор во Ирак изјави дека за сега не е сигурно дали амбасадата била цел на нападите. Вработените во ова дипломатско претставништво не биле повредени, но настрадале посетителите и обезбедувањето кои се наоѓале пред влезот на зградата. За сега никој ја нема превземено одговорноста за нападите.