Одбиено барањето на Караџиќ за одлагање на судскиот процес

Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал денеска го одби барањето на Радован Караџиќ за одлагање на почетокот на судскиот процес, со што е потврдена одлуката на првостепениот судски совет. Судскиот процес ќе продолжи на 13-ти април. Караџиќ тврдеше дека му е потребно повеќе време за да ја подготви одбраната за постапката која против него се води пред судот во Хаг. Судењето на Караџиќ започна кон крајот на октомври минатата година и продолжи по повеќемесечна пауза на почетокот на минатиот месец, кога Караџиќ ги отфрли обвинувањата, истакнувајќи дека босанските Срби не сакале војна и дека нивната цел била зачувување на Југославија.
Поранешниот лидер на босанските Срби во две точки е обвинет за геноцид во Сребреница и уште седум општини во БиХ, додека во останатите девет точки се товари за протерување, убиства, депортирање и држење меѓународни заложници за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година.