Командантот на Националната гарда на Вермонт во Македонија

Началникот на генералштабот на АРМ Мирослав Стојановски

Соработката на Армијата на Македонија со Националната гарда на сојузната американска држава Вермонт, е од големо значење за Македонија велат од АРМ. Соработката меѓу двете армии трае веќе 15 години.
За тој период се реализирани различни видови на обуки , посети на воени бази, изведување на заеднички вежби заради достигнување на НАТО стандарди во повеќе области. Почнувајќи од 1995 година досега се реализирани преку 200 активности со учество од над 4.000 припадници на Армијата на Македонија и на Министерството за Одбрана.
Приоритетот на таа соработка е Армијата, но се одвива и во многу други сегменти, да речеме, здравство, кризен менаџмент, МВР, така што таа е исклучително плодна.


Деновиве во посета на земјата престојува командантот на гардата на Вермонт, Мајкл Дуби. Портпаролот на АРМ, Мирче Ѓоргоски, вели дека соработката со Националната гарда е значајна од повеќе аспекти.

„Приоритетот на таа соработка е Армијата, но се одвива и во многу други сегменти, да речеме, здравство, кризен менаџмент, МВР, така што таа е исклучително плодна.“

Целта на посетата на командантот Дуби е разгледување на можностите за унапредување на соработката и согледување на подготвеноста на контингентот на АРМ за престојното заедничко учество во мисијата ИСАФ, во Авганистан. Во наредниов период македонски војници ќе заминат во Авганистан и заедно со силите од Вермонт, ќе изведуваат тренинг-мисија наречена Наменски сили „Феникс“. Тие ќе ја обучуваат авганистанската национална армија и националната полиција.
Нас искуството што го добиваме од нив и конкретната помош финансиска, техничко технолошка е голема и се надеваме дека ќе продолжи и во иднина

Поранешниот министер за одбрана, Лазе Еленовски вели дека со соработката со гардата на Вермонт и со учествово во мировни мисии во странство, македонската армија може многу да добие.

„Нас искуството што го добиваме од нив и конкретната помош финансиска, техничко технолошка е голема и се надеваме дека ќе продолжи и во иднина.“

Освен со началникот на ГШ на АРМ, Мирослав Стојановски, американскиот генерал Дуби се среќава и со претседателот Ѓорге Иванов, со министерот за одбрана Зоран Коњановски и со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.