Обама најавува нови санкции против Иран

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Вашингтон изработува „значаен режим на санкции“ против Иран, како одговор на нуклеарната програма на таа земја. Тој истакна дека процесот кој води кон примена на новите санкции се одвива брзо, но не наведе никакви временски рамки. Обама рече дека, според се, Техеран ги одбил неговите предлози за решавање на проблемот и оти ја продолжува својата нуклеарна програма која може да доведе до производство на атомско оружје. Иранската државна телевизија вчера јави дека Иран почнал збогатување на својот ураниум на ниво од 20 насто и оти на тој чин присуствувале и претставници на Меѓународната агенција за атомска енергија.