Во Минхен почнува 46-та безбедносна конференција

Во Минхен, Германија, денеска почнува 46-та безбедносна конференција на која ќе учествуваат околу 300 шефови на држави, влади, високи функционери, опозициски лидери и претставници на организации од целиот свет. Покрај дискусиите за традиционалните теми, како што се трансатлантските и европските безбедносни системи, на конференцијата ќе се разговара за безбедноста и стабилноста во поширокиот регион на Блискиот исток, за разоружувањето, контролата врз вооружувањето и нуклеарното разоружување, како и за Авганистан и новата стратегија на НАТО. По првпат на безбедносната конференција ќе учествува генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и министерот за надворешни работи на Кина Јанг Џиечи. Слоганот на конференцијата е „Нема веќе оправдувања“, а намерата на домаќинот Волфганг Ишингер е со ова мото да ги мотивира учесниците да преземат акција. На минхенската конференција, која ќе трае до 7 февруари учествува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов.