Претседателот на Туркменистан во посета на Франција

Претседателот на Туркменистан Гурбангули Бердимухамедов денеска е во прва официјална посета на Франција. Предвидени се разговори со францускиот претседател Никола Саркози и со министерот за надворешни работи Бернар Кушнер. Туркменистанското раководство најави поголемо отворање за странски инвестиции, особено во енергетскиот сектор, но критичарите наведуваат дека станува збор само за козметички мерки. Инаку, организациите за заштита на човековите права побараа од Саркози на средбата со Бердимухамедов да ја покрене и темата за непочитувањето на човековите права во Туркменистан.