Бахами нема да екстрадира во САД Чех обвинет за поткуп

Судот во Бахами одби да го екстрадира чешкиот финансиер Виктор Козени во САД, каде што е обвинет за поткуп на владини претставници во Азербејџан. Обвинението е од доцните 90-ти години кога Козени се обвинува дека со поткуп сакал да добие поволен третман во нафтени зделки. Асошиетед прес објави дека Апелациониот суд на Бахами ја потврди пресудата на понискиот суд, со која не се дозволува тој да биде екстрадиран за да му се суди во Њујорк, бидејќи делото за кое е обвинет не е извршено ниту во Америка ниту на Бахамите. Обвинителите тврдат дека Козени украл и десетици милиони долари од инвестициски фондови кои се согласиле да инвестираат во Азербејџан.