Јосиповиќ и Бандиќ во вториот круг за претседател на Хрватска

Во вториот круг од претседателските избори во Хрватска одат кандидатите на Социјалдемократската партија, Иво Јосиповиќ и независниот кандидат, поранешниот член на СДП, Милан Бандиќ, соопшти синоќа Државната изборна комисија. Според привремените официјални резултати, Јосиповиќ на вчерашните избори освоил 32,4 насто од гласовите на излезените гласачи, а Бандиќ, кој е актуелен градоначалник на Загреб, освоил 14,84 од гласовите. По објавувањето на резултатите, Јосиповиќ изјави дека победила правдата и ги повика граѓаните и на 10 јануари да излезат и да гласаат, како што рече, „за светлина а не за темнина“.