Тачи: План за Македонија во 3 точки

По одлуката на Советот на министрите на Европската унија Македонија да не добие датум за почеток на преговорите, лидерот на ДПА Мендух Тачи изјави дека се изгубени сите шанси за добивање на датум и дека државата се наоѓа во криза. Според него, планот за излегување од оваа криза има три точки. Прво, Владата да поднесе оставка бидејќи го изгубила легитимитетот, второ ДУИ да се повлече од власта и трето меѓународната заедница да размисли да воспостави протекторат во Македонија.
Тој потврди дека пред неколку дена имал средба со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски и дека разговарале за актуелната политичка состојба, но оти за многу работи не се согласиле.
Според Тачи, со Црвенковски имаат заедничко мислење оти ситуацијата е тешка и дека се изгубени сите шанси за добивање на датум. Тачи, изјави дека тој и Црвенковски заклучиле дека актуелната власт нема храброст, ниту капацитет за компромиси и историски одлуки.