Изборите на Косово фер, премиерот Тачи прогласи победа

Првите локални избори во организација на институциите на Косово биле добро организирани и со исклучок на некои спорадични инциденти, минале во мирна и демократска атмосфера. Ова е општата оценка на партиите и на медиумите во Приштина, со забелешка дека излезноста на гласачите на вчерашните избори била прилично мала- 45,36 насто. Меѓутоа, познавачите сметаат дека фактичкиот одзив е поголем, со оглед на тоа што во избирачкиот список биле внесени и околу 200 илјади избирачи кои се наоѓаат на привремена работа во странство. Резултатите од изборите се очекуваат денеска, а косовскиот премиер Хашим Тачи синоќа објави победа на неговата партија во повеќето општини.