Средба Нимиц - Јолевски

Посредникот на Обединетите Нации Метју Нимиц, синоќа во Њујорк остварил средба со македонскиот преговарач за името Зоран Јолевски. Амбасадорот Јолевски го запознал Нимиц со македонскиот став во врска со неговите последни предлози, односно, модифицирани идеи од 7-ми јули годинава. Јолевски за Макфакс изјавил дека на средбата повторил оти Македонија е подготвена за наоѓање решение за името кое што ќе се базира врз принципите на меѓународното право и очекувањата Грција да ја почитува времената спогодба и да не ја блокира интеграцијата на Македонија во евро-атланските структури. Засега не е познато дали во Њујорк ќе има и заедничка средба на Нимиц со двајцата преговарачи. Грчкиот преговарач Адамантиос Василакис, кој претходно оствари средба со Нимиц, повтори дека без решение на спорот со името, Македонија не треба да се надева на почеток на преговорите за членство во Европската Унија.