Исправки наместо целосно повлекување на енциклопедијата

Енциклопедијата нема да биде целосно повлечена туку ќе се вршат само исправки во одредниците кои изминатиот месец ја разбрануваа јавностa. Тоа е ставот од вчерашната седница на Собранието на Македонската академија на науките и уметностите, која е прекината по три и пол часовна дебата. Претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов по седницата изјави дека расправата била конструктивна и сериозна и ќе овозможи да се најде патот до решението, кое, како што истакна, ќе биде автономно. На продолжението на седницата, што ќе се одржи во текот на идната недела, ќе се расправа за финалните заклучоци на Претседателството на Академијата и ќе се одлучува дали редакцискиот одбор ќе се менува или ќе се дополни со нови членови.