Серија средби за „Името“ во Њујорк

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Њујорк ќе се сретне со американскиот заменик-државен секретар Џејмс Стајнберг. Главна тема на разговорите ќе биде грчко-македонскиот спор за името. Како што јавува Миа, Иванов ќе го изнесол ставот дека Македонија останува активна во разговорите и сака да се најде решение за името, но не прифаќа да разговара за националниот идентитет и јазик. Се очекува Стајнберг да го повтори барањето искажано за време на неговите посети на Скопје и на Атина во мај годинава, двете страни да се ангажираат поинтензивно на решавање на спорот, што ќе го отвори патот на Македонија за членство во НАТО. Има многу креативни решенија, што Македонија и Грција можат да ги најдат, оцени тогаш Стајнберг.
Прашањето за името беше во фокусот и на вчерашната средба на македонскиот претседател со генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, а за тоа ќе се разговара и на состанокот со првиот човек на ОН Бан Ки-Мун закажан за в петок. Шефот на македонската држава утре се среќава со медијаторот Метју Нимиц.