Бродот „Илинден“ денеска останува во Охридското езеро

Бродот „Илинден“ најверојатно денеска и утре ќе остане на дното на Охридското езеро, изјави Георги Илиев, бугарскиот експерт во Комисијата која работи на утврдувањето на причините на несреќата која во саботата однесе 15 животи на туристи од Бугарија.Според Илиев временските услови не дозволуваат извлекување на бродот, бидејќи во интерес на истрагата ќе се настојува „Илинден“ да биде извлечен неоштетен на брегот. Посебен тим составен од нуркачи од Охрид вчера попладнето изврши ново подводно снимање на бродот „Илинден“. Денеска во Охрид се очекува да пристигне заменик-главниот обвинител на Бугарија Камен Стинилски, кој вчера во Скопје се сретна со македонскиот државен обвинител, Љупчо Шврговски. Несреќата со потонувањето на бродот „Илинден“ се случи во саботата на 250 до 300 метри од брегот кај Авто-кампот „Елешец“. На бродот кој сообраќаше на релацијата Охрид - Свети Наум, се превезуваа вкупно 57 патници, од кои 42 ја преживеаја несреќата.