Наредната недела Нимиц ќе го добие македонскиот став за името

Посредникот во грчко-македонските разговори за разликите околу името, Метју Нимиц, наредната седмица ќе ги добие ставовите на македонската страна за последниот сет идеи.
Ова за новинската агенција Макфакс го изјави македонскиот aмбасадор во САД и преговарач во спорот за името меѓу Скопје и Атина, Зоран Јолевски.
„Модифицираниот сет на идеи внимателно се анализираше во овој период. Деновиве дојдов во Скопје, каде во петокот и во текот на викендот имав одделни средби со претседателот Иванов, премиерот Груевски, вицепремиерот Адеми и министерот за надворешни работи Милошоски“, изјави амбасадорот Јолевски.
„Во текот на следната недела, нашите ставови за модифициранот сет на идеи ќе му бидат пренесени на медијаторот Метју Нимиц, како дел од континуираниот дијалог. По ова очекуваме медијаторот да не информира за неговите планови за следните чекори во разговорите за разликите околу името“, изјави македонскиот преговарач за Макфакс.