Караманлис повторно обвинува за менување на историјата

Грчкиот премиер Костас Караманлис, денеска, повторно ги обвини македонските власти за национализам и за менување на историјата. Тој од говорницата на Осмиот светски конгрес на тракијците, што се одржува во северногрчкиот град Комотини обвини за „национализам, провокативно однесување и непопустливост“, пренесува државната новинска агенција МИА.
„За последен пат сакам да се обратам до Скопје, и да повторам дека вековната историја ниту се брише ниту повторно се пишува. Повторувам дека за националните прашања Грција има јасни ставови и нема да отстапи ниту чекор“, рече Караманлис.
Тој од Конгресот упати порака и до Турција, наведувајќи дека „европскиот пат води кон почитување на меѓународните обврски“.
„Ние Грците сакаме Балканот да биде регион на стабилност и безбедност за сите. Нашиот ориентир е меѓународното право, меѓународните договори и взаемното почитување“, ги пренесува МИА изјавите на Караманлис.