Мјанмар ќе го ослободи затворениот Американец

Американецот осуден на седум години принудна работа во Мјанмар, ќе биде ослободен. Сенаторот Џим Веб, кој е на посета во Мјанмар, соопшти дека, утре, заедно со осудениот Вилијам Јетоу, ќе ја напушти земјата. На својата интернет страница, сенаторот Веб пишува дека и е благодарен на владата на Мјанмар, зашто го прифатила американското барање за ослободување на Јетоу, кој беше осуден, зашто во мај доплива до куќата на опозиционерката Аунг Сан Су Ки и со тоа ги прекрши правилата на нејзиниот куќен притвор. Поради тој инцидент, притворот на нобеловката Су Ки беше продолжен за 18 месеци.
Претседавачот на комитетот за Источна Азија и Пацификот, сенаторот Џим Веб се сретна со лидерот на воениот режим во Мјанмар, Тхан Шве за да разговара за ослободувањето. Тој се сретна и со опозиционерката Су Ки.