Ирак, Турција и САД со заеднички напори против курдските бунтовници

Ирак ќе им помогне на Турција и на САД во напорите да го спречат влијанието на Курдската работничка партија додека ова движење не биде елиминирано, изјави ирачкиот министер за национална безбедност Ширван ал-Ваили, по средбата со турски и американски високи претставници во Анкара. На заедничката прес-конференција на турскиот министер за внатрешни работи Бешир Аталај и Ал Ваили е нагласено дека тие очекуваат конкретни резултати за соработката до повторната средба во Ирак, во октомври годинава. Медиумите потсетуваат дека Турција долго време го критикувала Ирак поради неможноста да ги надвладее курдските бунтовници кои извршуваат напади во Турција од своите упоришта во северниот дел на Ирак. Во Турција живеат околу 12 милиони Курди, кои сочинуваат една петтина од вкупното население на оваа држава, а веќе долги години се жалат на етничка и културна дискриминација од страна на Турција.