Затвор за поранешниот перуански претседател Фуџимори

Поранешниот претседател на Перу Алберто Фуџимори е осуден на седум и пол години затвор, поради проневера, зашто призна дека нелегално му платил 15 милиони долари од државната каса на шефот на разузнавачката служба. Фуџимори веќе е осуден на 25-годишна затворска казна за злосторства против човештвото, за време на неговото 10-годишно владеење. Претходно, тој беше осуден на шест години затвор за злоупотреба на моќта, зашто за време на мандатот спроведувал нелегални истраги. Затворските казни во Перу не се собираат. На 70-годишниот поранешен перуански претседател му претстои уште едно судење по обвинението за корупција, зашто одобрил мито и прислушкување телефонски разговори.