Нема преживеани од авионот на Каспиан Ерлајнс

Нема преживеани од авионот на Каспиан Ерлајнс кој се урна во близина на иранскиот град Казвин, јави иранската телевизија Прес ТВ, повикувајки се на официјални извори. Авионот марка Тупољев се урнал 16 минути по полетување, пишува иранскиот весник „Хамшахри“, повикувајки се на извори од иранската управа за цивилно воздухопловство. Очевидци тврдат дека леталото експлодирало откако удрило во земја. Во авионот кој летал од Техеран за Ереван имало 153 патници и 15 членови на екипажот. Последната авионска несреќа на иранска територија се случи во 2006 година кога авион марка Тупољев се запали при слетување.