ФИФА бара објаснување од Фудбалскиот сојуз на Иран

Светската фудбалска федерација ФИФА побара од Фудбалскиот сојуз на Иран објаснување за наводната казна за репрезентативците што на Купот на Конфедерациите носеа зелени делови од опремата во знак на поддршка на опозицискиот лидер Хосеин Мусави. Неколку ирански фудбалери, на натпреварот со Јужна Кореја, носеа потници и ленти со зелена боја, која е симбол на опозициското движење во Иран. Според иранската полуофицијална агенција ИСНА, по натпреварот, фудбалерите Мехди Махдавикија и Али Карими се повлекле од репрезентацијата од „лични причини“. Британскиот весник Гардијан, пак, објави дека најмалку четворица репрезентативци на Иран се доживотно суспендирани од националниот тим.