Ахмадинеџат е победник на изборите во Иран, порача Ајатолахот Хаменеи

Иранскиот врховен верски лидер Ајатолах Али Хаменеи изјави дека Претседателот Махмуд Ахмадинеџат е дефинитивен победник на претседателските избори, бидејки добил 25,4 милиони гласови од околу 40 милиони гласачи. Хаменеи порача дека немало нерегуларности на изборите и повика на крај на уличните протести на опозицијата која бара прегласување. Ајатолахот Хаменеи, кој како врховен ирански лидер го има последниот збор во земјата им се обрати на граѓаните за време на денешната петочна молитва, а потоа зборуваше и во Техеранскиот Универзитет. Тој изјави дека изборите покажале дека луѓето имаат доверба во исламскиот систем и оти непријателите на Иран сакале да и наштетат на земјата доведувајки го во прашање гласањето. Приврзаниците на опозициониот кандидат Мир Хосеин Мусави претходно ги игнорираа повиците и 6 дена досега протестираа во Техеран и други градови.