Насилни протести во Техеран

Вчеравечер продолжија протестите во Техеран, главниот град на Иран, по повод резултатите од претседателските избори кои се одржаа во петокот. Она што започна како мирен протест по објавувањето на конечните резултати од гласањето, вчеравечер се претвори во насилно движење. Разлутени граѓани палеа возила, обиваа продавници и фрлаа камења кон полицијата, извикувајки „смрт на диктатурата“. Многумина од иранците кои излегоа на улица се подржувачи на реформаторот Мир Хусеин Мусави, кој ги изгуби изборите, освојувајки 34 отсто од гласовите. Неговиот противкандидат Махмуд Ахмадинеџад, актуелниот претседател на Иран, доби втор претседателски мандат во времетраење од четири години, со освоени 63 отсто од гласовите.