Македонија втора во Европа по пушење цигари

Во Македонија годишно се пушат 11 тони цигари, со што земјава е на второ место по потрошувачка на цигари во Европа, објави македонското министерство за здравство. Според истражувањето на министерството, секој Македонец годишно пуши по 5 килограми цигари. Министерот за здравство Бујар Османи вели дека во Македонија годишно се трошат 60 милиони евра за лечење на болести предизвикани од пушење, а тоа е за 20 милиони повеќе од сумата која се троши на реконструкција на болниците во земјата. Како мерка за борба против пушењето, министерството предлага на кутиите од цигарите да има делови од човечкото тело оштетени од пушење, по примерот на 23 други европски земји.