Кичевски средношколци затруени од храна во Тирана

Околу 50-тина средношколци од Кичево кои биле на тридневна екскурзија во Албанија синоќа биле затруени од храна и се примени на лекување во Воената болница во Тирана. Директорот на болницата, Бедри Миха, изјави дека 14 од нив примиле лекарства, додека другите уште синоќа ја напуштиле болницата. Учениците и нивните професори денеска во утринските часови заминале за Кичево. Според првичните информации, учениците најверојатно добиле труење од храната која ја консумирале од една сендвичара покрај стадионот „Ќемал Стафа “ во Тирана. Албанската полиција веднаш почнала истрага, а се чекаат и резултатите од анализата на примероците храна земени од сендвичарата. Затруените ученици се од трета година на албански наставен јазик во ДСУ„ Мирко Милески“ од Кичево. Тие вчера пристигнале во Тирана по посетата на неколку други градови во Албанија.