Синоќа повторно невреме во Скопје

По завчерашното невреме, Скопје и синоќа беше зафатено од пороен дожд со грмежи и засилен ветер. Изминатите 24 часа во главниот град наврнаа 23 литри дожд на квадратен метар. Поплавени беа повеќе сообраќајници, меѓу кои и новата клучка кај „Континентал“. Брзината на ветерот достигна и до 100 километри на час. Времето денеска, според метеоролозите, ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, а ќе дува умерен северозападен ветер. Атмосферата ќе биде нешто постабилна во однос на вчера и појава на грмежи е можна само локално, во југозападните делови од Македонија.