Повеќе од 9,000 македонски државјани во Грција за Први Мај

Празничниот првомајски продолжен викенд го зголеми бројот на патници низ граничниот премин Богородица од 40 до 60 проценти во однос на вообичаениот дневен патнички промет. Од петокот до понеделникот вкупниот проток на патници изнесува близу 42.000, од кои околу 14.000 се македонски граѓани, а близу 28.000 се странски. Од нив на празничен престој во соседна Грција се упатиле 9.010 македонски државјани, а бројот на странците кои влегле во Македонија е поголем и изнесува 14.373, од кои мал дел се транзитни патници, а речиси 90 одсто се посетители низ гевгелиските казина. Најголема раздвиженост е забележана во саботата кога се регистрирани 15.246 патнички трансфери.