Партиски невладини организации

Политика во граѓанскиот сектор. Според експертите, особено пред избори „никнуваат“ НВО, што стануваат продолжена рака на политичарите.
Некои од невладините организации, наместо да работат за доброто на граѓаните, стануваат продолжена рака на политичките партии. Особено пред избори, никнуваат такви невладини организации, кои се оружје на партиите во битката за добивање гласови, велат дел од експертите. За други, пак, тоа е една широко распростанета перцепција дека политичарите мешаат прсти насекаде.
Обично пред изборите се појавуваат такви граѓански организации за кои се забележува дека нивната цел не е подобрување на животот на граѓаните, туку како да бидат актери во политичкиот живот и тоа се препознатливи граѓански
организации.


Политичкиот аналитичар и претседател на Асоцијација за демократски иницијативи, Љуљзим Хазири вели дека таквите граѓански организации се препознатливи по тоа што се формирани за да работат во остварувањето на нечии партиски цели.

„Обично пред изборите се појавуваат такви граѓански организации за кои се забележува дека нивната цел не е подобрување на животот на граѓаните, туку како да бидат актери во политичкиот живот и тоа се препознатливи граѓански организации.“

Претседателот на Македонскиот центар за меѓународна соработка Сашо Клековски вели дека невладините организации не се мегафони на политичките партии, но честа е појавата тие да го делат нивниот став или мислење.

„Тоа што е важно за мене е дали мојата организација или било која организација дошла до свој став врз основа на свои размислувања или тој е диктиран од страна. Моето убедување е дека многу почест е првиот случај, односно дека организациите сами доаѓаат до одредени ставови и мислења кои после изгледаат слични со некои политички ставови.“

Хазири вели дека, сепак, граѓанскиот сектор во последниот период е во развој, но треба да се работи на неговото влијание во процесот на донесување на одлуки важни за општеството.
Треба да се направи чекори и од страна на владата која треба што повеќе да ги вклучува граѓанските организации во овие процеси.

„Треба да се направи чекори и од страна на владата која треба што повеќе да ги вклучува граѓанските организации во овие процеси.“

Клековски, пак, вели дека се зголемува членството во невладиниот сектор и довербата во нивната работа. Според него, влијанието на долги патеки е позначајно и треба време тоа да се согледа.

„Она што ние го гледаме на кратки стази остава простор за одредено незадоволство што се постигнува, бидејќи за да се изгради една јавна свест, да се промени разбирањето на граѓаните и политичарите кон одредено прашање, е прашање на време.“

Експертите велат дека граѓаните повеќе избираат да бидат членови на политичка партија, отколку на невладина организации, поради лични интереси. Но, проблемот го лоцираат и во недостигот од фондови од странските донатори и тоа што владата, парите предвидени за тој сектор, ги распределува на едни исти невладини организации.