Рен - Охрабрен од успешните избори во Македонија

Охрабрен сум од заклучоците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите во Македонија биле успешни и ги исполниле повеќето меѓународни стандарди, вели еврокомесарот за проширување Оли Рен во писмената изјава по повод изборите во земјата. Во изминатите месеци ЕУ инсистираше на важноста на овие избори за европската иднина на земјата. Внимателно го следев текот на првиот круг од изборите и гледам дека нашата порака е разбрана. Граѓаните на земјата мудро ја искористија можноста да го остварат своето демократско право и да гласаат. Државните институции одиграа важна улога во обезбедувањето најдобри можни услови за гласање, како и за доставување на избирачкиот материјал до повеќето гласачки места и покрај снежното невреме, истакнува Рен. Првиот круг, посочува еврокомесарот за проширување, е само полуфинале од изборниот процес. Финалето ќе се одржи за две недели и очекувам да биде фер, вели еврокомесарот Оли Рен.