Осуда за вооружениот напад на британската воена база во Северна Ирска

Политичките лидери во Северна Ирска, го осудија вооружениот напад на британската воена база, северозападно од Белфаст, во кој загинаа двајца војници. Нападот го осуди и британскиот премиер Гордон Браун, оценувајќи го како ,,кукавички“. Британските и ирските политички претставници изјавија дека нема да дозволат загрозување на мировниот процес и враќање на насилството и нередот во Северна Ирска. Синоќешниот напад е еден од најсериозните од потпишувањето на мировниот договор во 1998-та година, со кој беше ставен крај на речиси 30 годишните судири меѓу Ирската републиканска армија (ИРА) и пробританските протестантски герилски групи.