Балканот најголема закана за безбедноста на Европа

Светската економска криза моментално е најголемата закана за безбедноста, бидејки ако се пролонгира, може да доведе до дестабилизација на некои земји во развој. Ова се наведува во годишниот извештај на американското национално разузнавање, презентиран од директорот на агенцијата Денис Блер. Тој оцени дека има прогрес во битката против Ал Каеда, но оти таа терористичка организација и натаму е закана, дека ќе биде тешко да се постигне прогрес во израелско – палестинските преговори, а во 2009-та можна е криза и меѓу Иран и Израел. Според Денис Блер, состојбите на Балканот се најголема закана за безбедноста во Европа, главно поради нерешениот политички статус на србите на Косово и проблемите со поделбата на власта во Босна и Херцеговина. Македонските надлежни институции засега немаат коментар на ваквите анализи, а аналитичарите сметаат дека мора да се работи превентивно, внатре во земјата на релаксирање на меѓу-етничките односи.