Прага: Стопирана испораката на гас преку Украина

Украинската државна компанија за гас Нафтохаз соопшти дека Русија целосно го стопирала снабдувањето со природен гас до европските корисници поради спорот меѓу Москва и Киев околу цената на гасот. Романија, Чешка и Австрија потврдија дека тие во изминатата ноќ воопшто не добиле гас од Русија. Од вчера гас не добиваат ни земјите од Балканот кои најавија дека за тоа ќе упатат протесна нота до двете страни. Европската унија го осуди како целосно неприфатлив ваквиот чекор и соопшти дека тој бил во спротивност со претходните уверувања на Москва и на Киев дека нивниот спор нема да се одрази врз снабдувањето во Европа. Брисел денеска предложи и испраќање монитори во Украина да го измерат протокот на гас од Русија.