Газа: Повеќе од 270 Палестинци загинале во израелските воздушни напади

Повеќе од 270 палестинци загинале, а над 620 се ранети во израелските воздушни напади на појасот Газа во последните 24 часа. Советот за безбедност на Обединетите Нации одржа вонредна седница и повика на итен прекин на воените активности во појасот Газа. Советот подготви декларација која во име на земјите членки повикува на итно запирање на насилството, а од страните во судирите се бара веднаш да ги прекинат воените операции. Во меѓувреме израелските воздушни напади продолжија и денеска. Агенциите јавуваат дека шест луѓе загинале во нападите. Израелската страна повтори дека не ја исклучува можноста за проширување на воената офанзива и распоредување на копнени трупи на палестинска територија. Подготвени сме на секаква можна ситуација. Ако биде потребно ќе ја распоредиме и војската за да ги заштитиме нашите граѓани, изјави израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак.