Атина: Денеска погреб на убиениот тинејџер

Во Атина денеска ќе биде погребан тинејџерот кој беше убиен од полицаец, што според оценките на светските агенции, би можело да предизвика нови безредија во Грција, која е зафатена со тридневни протести поради убиството на момчето. Илјадници демонстранти во немирите во кои се запалени и ограбени повеќе продавници во центарот на Атина, се судрија со полицијата, при што над 50 лица се повредени, а околу 150 се приведени. По синоќешната вонредна седница на владата, министерот за внатрешни работи Прокопис Павлопулос изјави дека безредијата се неприфатливи и оти владата нема да ги толерира. Владата демантира дека планира воведување вонредна состојба, а премиерот Костас Караманлис денеска за кризата ќе разговара со претседателот на државата и со партиските лидери.