Редовни средби пред есенскиот извештај на Европската Комисија

Редовни средби пред ноемврискиот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјава во исполнување на реформите, е целта на денешната посета на Брисел на претседателот Бранко Црвенковски, информираат од неговиот кабинет. Шефот на државата во рамки на дводневниот престој ќе има средби со највисоките европски претставници. Средбите ги започнува со белгискиот премиер Ив Летерм, а ќе оствари разговори и со високиот претставник за надворешна политика Хавиер Солана, еврокомесарот за проширување Оли Рен, како и со генералниот секретар на НАТО Јаап Де Хоп Схефер со кои ќе бидат разменети информации за состојбите во земјава, а ќе бидат пренесени и очекувањата на Брисел. Во очекување на она што ќе биде нотирано од Европската Унија, домашната експертска јавност смета дека имајќи ги во предвид најновите случувања, односно размената на остра реторика меѓу државниот врв за спорот со името, може да се очекува дека Брисел меѓу другото ќе побара и соработка меѓу нив со оглед на тоа дека Европската Унија сака да види решение за спорот со името, прашање битно за македонските евро-интеграции. Аналитичарот Мерсел Биљали вели:

,,Мислам дека сега е актуелна кавгата меѓу нашите институции, така што мислам дека претседателот во Брисел најверојатно ќе разговара со претставниците на ЕУ во рамките на постојните политички односи, што може да се направи и што треба да се направи.“

Токму затоа од решението на ова прашање, спорот со името, смета Биљали, меѓудругото веќе е јасно дека зависи и дали ќе добиеме датум за преговори со Европската Унија:

„Ако се изнајде решение во однос на спорот со името, јас сметам дека ЕУ ќе има политичка воља да одлучи за пристапување на преговори со Македонија.“

Освен овој како што го нарекуваат експертите политички критериум, Брисел бара и исполнување на осумте бенчмаркови од државава и дополнителниот девети, спроведување на фер и демократски избори. Домашната стручна јавност на став дека во очекување на извештајот неможе во целост да бидеме задоволни од покажаниот прогрес во исполнувањето на реформите:

„Факт е дека спорот со името ни одзема многу енергија, меѓутоа и реално гледано доколку се земе предвид дека до пред неколку месеци се занимававме со избори, со изборна кампања, со еден процес кој што не беше многу европски и сето тоа... значи реално во овој изминат период, реално неможевме никако да ги постигнеме критериумите и не гледам што би можеле ние да понудиме како позитивно достигнување во европскиот извештај.“

Смета професорот Биљана Ванковска.