Опозицијата може да се спротистави на политиките на власта само во парламентот, оценуваат експертите

Опозицијата ќе се бори вон институционално за враќање на демократијата, велат во партиите од коалицијата „Сонце“, откако Извршниот одбор на СДСМ синоќа ја потврди одлуката за неучество на пратениците на оваа партија во работата на парламентот, поради тоа што владеачкото мнозинство не го почитува спротивното мислење:

„Сите механизми коишто стојат во демократската борба, значи собири, трибини, изјави, прес конференции итн. Нема да одиме на рушење на власта со недемократски методи, туку сакаме на овој начин да искажеме дека мора да спротиставиме,“

вели Андреј Жерновски од ЛДП, откако претходно и таа партија донесе одлука да не се врати во парламентот.

За враќањето на опозицијата во парламентот Стојан Андов од ЛП, смета дека опозицијата и власта треба да направат договор во кои ќе бидат опфатени некои основни барања на опозицијата, за да може парламентот да работи во полн состав:

„Треба да се биде надвор од парламентот додека не ги декларира условите под кои би се вратила во парламентот и кои би биле договорени и прифатени во пишан договор со власта.“

На пример, според Андов треба да се дефинираат услвоите во работата што ќе ја бара опозицијата, на пример, одредени прашања под кои ќе се фомира Анкетната комисија:

„Јас воопшто не сум оптимист дека ќе се постигне договор, затоа што одговорот на потегот на опозицијата беше насилничко носење на нов Деловник во Собранието.“

Политикологот Владимир Мисев, однесувањето на опозицијата го оценува како неодговорен потег бидејќи како што вели во прашање е интенција да се спречи работата на парламентот, но додава дека опозицијата за тоа не е моќна, со оглед на распоредот на силите во парламентот:

„Прашањето е како да ги спречите, односно да се спротиставите на поликите на власта. Искуството покажува дека тоа се случува само во парламентот. ДУИ тоа го направи со минатиот деловник, кога поднесе 2,500 амандмани, имало и други пракси, оспорување на закони, но никогаш не се спречила работата на Собранието со напуштање.“

Одговорноста за политичките процеси во земјава ја има и владата, додава Мисев, според кого и таа треба да почне да разговара со опозицијата и да посгитне консензус за битни прашања.