Вашингтон: Прашањето за македонското малцинсво во Грција е прашање меѓу Македонија и Грција

Портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак изјави дека прашањето за бегалците и македонското малцинство во Грција е прашање меѓу Македонија и Грција. Мекормак всушност со ова даде одговор на иницијативата на македонскиот премиер Никола Груевски за решавање на барањата на бегалците – етнички Македонци од Граѓанска војна во Грција во 1940-те и за признавање на македонското малцинство во Грција, содржана в писмото испратено до грчкиот премиер Костас Караманлис. - Ова е прашање меѓу Македонија и Грција. Колку што знам кореспонденцијата е меѓу двете страни и ве упатувам на нив за коментар, рече Мекормак на редовниот брифинг. Тоа прашање, според Мекормак, е сосема поинакво од прашањето за името.- Од наша гледна точка, би сакале Македонија и Грција да го решат спорот околу името, што е сосема поинаква тема. Знам дека на неа многумина посветуваат големо време и внимание. Секако би сакале преговорите наскоро да завршат со успех.