ЕУ ќе гарантира владеење на правото на целата косовска територија

Шефот на ЕУЛЕКС Ив де Кермабон ги повика граѓаните на Косово да имаат доверба во мисијата на Европската унија која ќе гарантира владеење на правото на целата косовска територија. Ваквите изјави доаѓаат во моментот кога се актуелизира прашањето за поделба на Косово на зони на одговорност на УНМИК и на ЕУЛЕКС. Косовските институции тоа го одбија.
ЕУЛЕКС има за цел да гарантира почитување на човековите права на целата територија на Косово, вели шефот на оваа мисија на Европската Унија Ив де Кермабон:

„Верувајте ни и работите со нас. Тоа е најдобар начин законите да завладеаат на цело Косово. Наша задача е да понудиме силни гаранции дека судството, полицијата и царината ќе работат за сите граѓани на Косово. Решени сме да ја реализираме таа наша работа.“

Изјави Кермабон за време на престојот во Клина каде што со косовскиот премиер Хашим Тачи посети едно српско семејство. Францускиот генерал претходно најави дека во процесот на распоредување на ЕУЛЕКС ќе се обиде да ги убеди косовските срби дека таа мисија ќе им гарантира заштита на нивните права. Официјален Белград и косовските срби се против ЕУЛЕКС, наведувајќи дека нејзиното воспоставување не е одобрено од Советот за безбедност на Обединетите нации. Кермабон прецизира дека генералниот секретар Бан Ки Мун врз основа на резолуцијата дванаесет четириесет и четири донел одлука за реконфигурација на УНМИК и оти во тој контекст е можно и испраќање на европската мисија на Косово. Последните уверувања на Кермабон дека ЕУЛЕКС ќе работи на целата косовска територија доаѓаат по предлозите дека УНМИК треба да остане во српските, додека ЕУЛЕКС во другите делови на Косово. За францускиот генерал тоа е невозможно. На такво мислење е и официјална Приштина.

„На Косово не можат да постојат две одвоени мисии за надгледување на едната или на другата етничка заедница. Процесот е дефиниран во извештајот на Бан ки Мун и очекуваме тој брзо да заврши, односно во октомври УНМИК да ги префли своите надлежности врз ЕУЛЕКС.“

Изјави претседателот на Косово Фатмир Сејдиу. Тоа го потврди и шефот на ЕУЛЕКС Ив Де Кермабон кој смета дека мисијата на Европската унија треба постепено да ја заменуваа онаа на Обединетите нации и оти ЕУЛЕКС кон крајот на октомври годинава целосно ќе профункционира во надгледувањето дали правосудството, полицијата и царината на Косово работат во согласност со демократските стандарди.