Граѓаните незадоволни, експертите воздржани

За граѓаните е неоправдана одлуката на Народната банка да ги зголеми каматите на кредитите за околу 1 насто. Поради нискиот животен стандард, живееме само со кредити кои одвај ги исплаќаме. Со одлуката за ново поскапување, повеќе нема ни да помислиме да подигнеме кредит, велат дел од граѓаните

„МИслам дека нема да земам. И да морам, нема да земам. Многу е.“
„На овие плати, многу тешко кој би се решил“
„Тоа е за осудување“
„И онака беа високи, и сега многу е висока каматата“

Иако велат дека каматните стапки се високи, дел од граѓаните признаваат оти ако немаат друг избор, повторно би се одлучиле да подигнат кредит.

„Мора да се земе, па и ќе се земе, и да е висока каматата“.

Одлуката на народната банка експертите ја толкуваат како обид да се намали инфлацијата, која во последните неколку месеци достигна 10 проценти. Според проф. Томе Неновски од Англо-американскиот колеџ, ваквата мерка најмногу ќе ги погоди граѓаните и фирмите кои се најголеми корисници на кредити.
Побарувачката на кредити ќе се намали, вели Неновски, а оние кои веќе користат кредит ќе мора да плаќаат повисоки каматни стапки, што пак директно ќе се одрази на нивните буџети.

„Можно е со оваа мерка на Народната банка да се влијае врз стапката на инфлацијата и ќе се намали стапката на инфлацијата, тоа не е спорно. Меѓутоа, јас имам една резерва во однос на начинот на којшто се води битката против инфлацијата, затоа што зголемените каматни стапки ќе имаат контраефект во намалувањето на стапката на растеж на економијата, она што толку многу ни недостасува“.

Каматите во земјава во моментот се движат од 7 до 12 насто. Статистичките податоци на Народната банка, покажуваат дека кредитирањето на населението годинава е зголемено за 60 насто.