Охрид: Денеска започнува Самитот на претседатели на Централна Европа

Денеска и утре во Охрид ќе се одржи Самит на претседатели на Централна Европа. Самитот се смета за еден од најголемите политички настани организиран во државава, а на него седумнаесет шефови на држави ќе дебатираат за актуелните прашања за 21 век - заедничката европска иднина, економските и енергетските перспективи, а можно е да се наметне и прашањето за независноста на Косово иако претставник од оваа земја не е поканет на Самитот. Домаќинот македонскиот претседател Бранко Црвенковски изјави дека собирот претставува можност за дополнително објаснување и лобирање околу аспирациите за членството на Македонија во НАТО и добивање на датум за преговори со ЕУ. Денеска на учесниците на самитот како што е најавено треба да им се обрати премиерот Никола Груевски. Инаку, во земјава веќе допатуваа полскиот претседател Лех Качиниски, претседателот на Турција Абдула Ѓул и претседателот на претседателството на БИХ Харис Силајџиќ, кои остварија билатерални средби со Црвенковски. Качински и Ѓул изразија поддршка за членството на Македонија во НАТО.