Иран ја прекинал програмата за изработка нуклеарно оружје во 2003

Иран ја прекинал програмата за изработка на нуклеарно оружје во две илјади и третата година. Ова се наведува во најновиот извештај на американските разузнавачки служби. Тоа е во спротивност со досегашните тврдења на администрацијата на претседателот Џорџ Буш дека Техеран е решен да развие нуклеарна бомба и оти не ги почитува меѓународните барања.
Во најновата проценка на американските разузнавачки служби се прецизира дека Иран го стопирал оружениот аспект на нуклеарната програма поради големиот притисок и строгата контрола од меѓународната заедница. Конкретно се проценува дека разузнавачите не знаат дали Иран моментално има намера да развие нуклеарно оружје што е во целосна спротивност со извештајот од пред две години во кој се тврдеше дека Техеран е решен да дојде до атомска бомба.

„Проценката на националните разузнавачки служби објавена денеска открива дека постоела скриена програма за нуклеарно оружје. Исто така се открива, што не ни било познато, дека програмата била запрена есента две илјади и трета.“



Изјави Стивен Хедли, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џорџ Буш, додавајќи дека извештајот всушност претставува поддршка на стратегијата на Буш спрема Иран:

„Извештајот нуди основа за надеж дека проблемот може да биде решен по дипломатски пат, без употреба на сила како што впрочем, и се обидува нашата администрација. Тој сугерира дека нашата стратегија била вистинска: односно интензивирање на меѓународниот притисок заедно со намерата да се преговара со Иран.“

Оценува Стив Хедли кој потсетува дека разузнавачите сметаат оти и натаму бил голем ризикот Иран да дојде до нуклеарно оружје. Имено, во извештајот се заклучува дека Техеран го продолжува процесот на збогатување ураниум и оти би го имал доволно за нуклеарно оружје некаде меѓу две илјади и десетата и две илјади и петнаесетта година. Најновата проценка на американското разузнавање, според експертите, не би требало да ги поткопа актуелните напори на Соединетите држави во убедувањето на другите светски сили да се согласат за воведување трет пакет санкции против Иран поради тоа што не ги исполнува барањата за прекин на програмата за збогатување ураниум. Станува збор, како што се додава, за поголема претпазливост со оглед на искуството од интервенцијата во Ирак која беше објаснета со тоа што таа земја поседува оружје за масовно уништување кое досега не е пронајдено. Сепак советникот Хедли е дециден:

„За да успее стартегијата, меѓународната заедница треба да го зголеми притисокот врз Иран, со дипломатска изолација и санкции со цел да се натера на преговори за изнаоѓање решение.“

И дипломатиите на Британија и на Германија оценија дека најновата американска разузнавачка проценка ја оправдува стратегијата на меѓународната заедница за поголем притисок и за санкции врз Иран.