Скопје: Кривична пријава за екс премиерот Владо Бучковски

Симнување на пратеничкиот имунитет на Владо Бучковски побара денеска надлежниот суд, откако покрена истрага за финансиски малверзации против екс премиерот и поранешен министер за одбрана. Итна седница на надлежната собраниска Комисија за мандатно имунитетни прашања е закажана за вечерва. Истрагата е отворена на барање на Јавното обвинителство по кривична пријава поднесена од финансиската полиција. Поранешниот министер за одбрана и актуелен пратеник од опозициониот СДСМ Владо Бучковски се сомничи во врска со набавка на редуктори за тенковите Т-55 од страна на Министерството за одбрана, а преку компанијата АД МЗТ ФОП, на крајот од 2001 година. Поранешниот премиер и министер за одбрана Бучковски ги отфрла обвинувањата и вели дека се работи за обид за негова дискредитација, но во интерес на вистината ќе го прекине годишниот одмор и ќе се јави на распит кога ќе биде повикан.