Софија: Бугарскиот претседател ги помилува медицинските сестри и лекарот од Либија

Бугарскиот претседател Георги Прванов ги помилува медицинските сестри и лекарот кои во Либија беа осудени на доживотен затвор, а изутрината од Триполи беа префрлени во Софија. Петте бугарски медицински сестри и палестинскиот лекар кој во меѓувреме доби бугарско државјанство, беа ослободени по над осум години минати во затвор поради обвинувањата дека намерно со вирусот на сидата инфицирале над четиристотини либиски деца во една болница во Бенгази. Тие изутрината со француски авион и во придружба на првата дама на Франција Сесилија Саркози и еврокомесарката Бенита Фереро Валднер беа префрлени во Софија. Претходно, официјален Триполи соопшти дека биле задоволени сите либиски услови за нивна екстрадиција. Францускиот претседател Саркози денеска изјави дека ниту Европската Унија, ниту Франција не и платила на Либија за ослободување на медицинските работници. Според агенциите, клучно било ветувањето за подобрување на односите меѓу Либија и Европската Унија.