Скопје: Посета на албанскиот министер за надворешни работи Љуљзим Баша

На покана на министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, денеска во еднодневна официјална посета на Република Македонија ќе престојува неговиот албански колега, министерот Љуљзим Баша. На средбата, како што информира МНР, ќе бидат разменети мислења за односите меѓу двете држави, за регионалните прашања, како и за европската и евроатлантска иднина на Регионот. Посетата на министерот Баша следува по официјалната посета на министерот Милошоски на Тирана, реализирана во јануари годинава и претставува продолжување на континуираниот политички дијалог, пријателството и соработката меѓу Македонија и Албанија. Се очекува, за време на престојот, министерот Баша да биде примен и од претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски и преиерот на Владата Никола Груевски.