Свет: Поделени мислења и реакции за погубувањето на Хусеин

Светските лидери денеска поделено реагираа на погубувањето на бившиот ирачки претседател Садам Хусеин.
Шефицата на британската дипломатија Маргарет Бекет изјави дека „Садам Хусеин платил“ и потсети дека „не ја поддржува смртната казна ниту во Ирак ниту каде и да е на друго место“. Таа рече дека реагира во името на целата влада и дека премиерот Тони Блер нема да се огласи.
„Франција, која заедно со европските партнери се залага за укинување на смртната казна, го прими на знаење погубувањето на Садам Хусеин“, соопшти француското Министерство за надворешни работи. Во соопштението се додава дека „Ирачаните сега треба да се свртат кон иднината и да работат врз помирувањето и националното единство“.
Јапонските власти соопштија дека „го примиле на знаење погубувањето на Садам Хусеин“. Станува збор за одлука што ја донесе новата влада во Ирак во согласност со владеењето на правото. Ние го почитуваме тоа“, соопшти јапонското Министерство за надворешни работи.
Организацијата на исламската конференција оцени дека постои опасност обесувањето на Садам Хусеин да предизвика насилство во Ирак.
„Садам Хусеин беше одговорен за страшни и бројни кршења на човековите права, но неговите дела, колку и да се брутални, не можат да го оправдаат неговото погудубање“, изјави претставникот на организацијата за заштита на човековите права Хјуман Рајтс Воч Ричард Дикер.
- Европската унија ги осудува злостроствата на поранешниот ирачки претседател кој денеска беше егзекутиран, но ја осудува и смртната казна, изјави Кристина Галах портпарол на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана.
- Советот на Европа го осуди бесењето на Садам Хусеин. „Хусеин беше безмилосен престапник но не требаше да биде убиен, изјави генералниот секретар на Советот на Европа Тери Џоунс.