Каракас: Во Венецуела откриен план за атентат на опозицискиот претседателски кандидат

Специјалните служби на Венецуела откриле заговор за убиство на кандидатот на опозицијата за претседателските избори Мануел Росалес, соопшти синоќа претседателот на Венецуела Уго Чавез. Росалес е главниот ривал на Чавез на изборите в недела. Чавез рече дека „радикални фашистички групи“ се подготвувале со снајпер да го застрелаат Росалес додека се обраќал на митинг, а вината за тоа да ја префрлат на Чавез и да предизвикаат хаос во земјата. Четиримесечната предизборна кампања во Венецуела завршува денеска. Според повеќето анкети Чавез води пред Росалес со 15 до 20 проценти. И покрај тоа, опозицијата ја обвини власта дека подготвува фалсификат на изборите. Серија опозициски политичари ги повикаа своите приврзаници да организираат масовни протести во случај Чавез да победи. Актуелниот претседател предупреди дека нема да дозволи дестабилизација на земјата и побара да се уважат резултатите од гласањето.