Косовска Митровица: Србите се противат на отворањето на главниот мост најавено за утре

Претставници на Српскиот национален совет (СНС) од северно Косово денеска се спротивставија на отворањето на главниот мост на реката Ибар во Косовска Митровица кој, според најавите на УНМИК, утре ќе биде отворен за цивилен сообраќај. Мостот на Ибар, кој ја дели Косовска Митровица на јужен - албански и на северен - српски дел, беше затворен за цивилен сообраќај по бомбашкиот напад на кафулето „Долче вита“ во северниот дел на Митровица. Инцидентот се случи на 26 август и во него беа повредени девет лица од српска националност. Претседателот на СНС на северно Косово Милан Ивановиќ изјави за Танјуг дека став на Советот е мостот да биде затворен до решавањето на статусот на Косово.