Сите модели може да се прифатливи, но мандатарот мора да мисли на политичката оправданост

Теоретски сите модели можат да бидат прифатливи за мандатарот кој има право да составува влада и да обезбеди 61 пратеник. Но, треба да се мисли и на политичката оправданост на идната влада како и на функционалноста на самото општество. Ова е клучната поента на која укажуваат експертите, откако 44-те места не му овозможија позиција на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот каква што очекуваше.

Публицистот Исо Руси вели:

„Груевски веројатно ќе мора да најде уште еден македонски партнер и најверојатно како прв избор ќе му се наметне ДПА. Иако, тука се поставуваат две прашања. Првото, бројот на гласовите што е дилема која може и да игра улога и второто е политичките ставови на ДПА, бидејќи ДПА е малку порадикална во однос на оценките за имплементацијата на Охридскиот договор. ДУИ е втора шанса и верувам дека ДУИ како избор најверојатно ќе предизвика многу внатрепартиски проблеми во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи фо вчера, нели, коалицијата на СДСМ беше коалиција со терористи и тие квалификации не се оповргнати до денеска“.

Професорот Саво Климовски од Правниот факултет во Скопје смета дека некои коалициски партнери воопшто не можат да се помират во одредена коалиција и дека тоа може да биде штетно и за самите гласачи:

„Традиционален партнер на ВМРО-ДПМНЕ е ДПА. А Ако е огромна разликата, тогаш сигурно дека Груевски ќе мора да размисли дали ќе прифати коалиција можеби и со ДУИ. Зашто, ДУИ не е истиот оној ДУИ од 2001 и 2002 година“.

Разјаснување треба да има и во врска со прашањето кого премиерот ќе го земе за партнер од македонскиот политички блок – НСДП на Тито Петковски или ВМРО-НП, односно ПЕИ или ДОМ кои освоија по еден пратенички мандат.

Професорот Јован Донев вели:

„Може ВМРО-ДПМНЕ и сам да формира влада. Во секој случај, тој ќе коалиција со својот традиционален партнер ДПА. Дали ќе има коалиција со НДСП, тоа е веќе проценка на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ“.
Според Имер Исмаили, ризична варијанта е ДПА наместо ДУИ која освои најмногу пратенички места, да не биде коалициски партнер во идната влада:

„Битно е ова: од македонскиот блок ќе има партија која е мандатар на владата и од албанскиот блок партија која ги доби изборите кај Албанците. Ова е гаранција за сериозна и функционална влада на Република Македонија. Сите други калкулации можат да бидат погубни за самата Македонија. Јас мислам дека меѓународниот фактор ќе има одлучувачка улога во целата оваа ситуација и на крајот ќе се одлучи на начинот кој би бил многу порационален од сите други варијанти што ги нудат партиите во моментот.“