Директни обвинувања за пробивање тајни разузнавачки податоци

Политичките проблеми на американскиот претседател Џорџ Буш од ден на ден се повеќе растат. За прв пат тој е директно обвинет за тоа што дозволил пробивање во јавноста на извесни тајни разузнавачки податоци за Ирак со цел да ги дискредитира критичарите на ирачката војна. Ова дојде токму во моментите кога Буш има најслаб рејтинг во јавноста.
Обвинувањата беа искажани на сведочењето на Луис Либи, поранешен советник на потпретседателот Дик Чејни кој одговора за еден друг случај на истекување доверливи податоци за Ирак. Тој изјави дека американскиот претседател Џорџ Буш дозволил објавување тајни потадоци за Ирак по медиумите со цел да ја одбрани својата позиција за ирачката војна. Либи прецизирал дека нему во две илјади и третата година му било речено да му пренесе на новинарот на Њујорк Тајмс оти Ирак силно се обидува да дојде до ураниум. Опозиционите демократи веднаш од водечките луѓе во американската администрација побараа објаснување за ваквите наводи.

„Конечно претседателот Буш и потпретседателот Чејни би требало целосно да го инфермираат американскиот народ за секоја улога што тие ја одиграле во дозволувањето на објавувањето на доверливи информации. Дали веруваат дека имаат таква право и ако одговорот е позитивен тогаш да кажат под кои услови. Или дали тоа можат да го прават за да ги задоволат моменталните претседателски политички
потреби.“


Изјави сенаторот од Њујорк, демократот Чарлс Шумер. Во моментот кога избувна скандалот пред три години, американскиот претседател Џорџ Буш се заложи за казнување на сите оние во владата кои се одговорни за откривањето тајни податоци од ЦИА.

„Ако имало такво нешто во мојата администрација јас би сакал да знам кој е тоа. Ако таа личност го прекршила законот тогаш таа ќе одговара за тоа.“

Изјави претседателот Буш кој во последно време се соочува со рекордно низок рејтинг кај американската јавност откако е дојден во Белата Куќа. Сето ова, според аналитичарите, можеби и не е некоја вознемирувачка вест за самиот Буш, особено ако се има предвид дека тој го троши својот втор и последен мандат на оваа функција. Но, неговиот рејтинг, како што се додава, може да одигра клучна улога во претстојните есенски избори за американскиот Конгрес. Постојат страхување кај неговите сопартијци од Републиканската партија дека продолжувањето на ваквиот тренд на претседателот би можело да ја загрози нивната натамошна контрола врз Конгресот.